Дали знаете
Катлановското блато е познато одморалиште на птиците преселници, кои според истражувачите доаѓаат од африканско-азиските краишта и на европскиот континент го уживаат летото. Во овој живописен предел речиси и да нема бандера каде што нема гнездо на штркови. Првите штркови пристигнуваат околу 12 - 14 март, до Младенци ги поправат гнездата, па веќе до 7 април, на Благовец имаа и младенчиња. Тие секогаш први доаѓаат па, после нив ластовиците. Прво доаѓа еден штрк, веројатно мажјакот, па после неколку дена и неговата партнерка, секогаш се враќаат во истото гнездо, на истата бандера. Колку и да е урнато гнездото тие ќе се мачат, ќе носат сламки, гранки, врвки, коса, пак ќе си го свијат по своја мерка, се грижат за домот, за малите штркчиња, а на есен без да забележи никој, заминуваат на југ.

Меѓународната спелеонуркачка експедиција која ја истражува подводната пештера Врело на Матка снима материјали за документарен
филм за пештерата и за кањонот. Внатрешноста на пештерата ќе се снима во целата должина, заедно со салата Пеони, каде што има единствен воздушен џеб, па се' до салата наречена Зона на самракот, од каде што пештерата продолжува во длабочина. Документарниот филм ќе се продуцира во Италија и потоа ќе се дистрибуира во странство, така што за Матка и за Врело ќе се чуе многу подалеку.

Според проценките на спелеолозите, се претпоставува дека Врело е длабока 330 метри, односно дека е најдлабока подводна пештера во светот. За најдлабока пештера сега се смета Бушмановата дупка во Јужна Африка, каде што е дојдено до длабочина од 282 метри, што е и светски и Гинисов рекорд во нуркање во длабочина.

Пештерата Врело, Матка-Јасен се пласираа меѓу 261 предлог од целиот свет во вториот круг за избор на ново светско чудо на природата. Од нив седумте прворангирани во 2011 година ќе ја поделат славата со веќе одбраните седум создадени чуда.

Планината од најстарите времиња во светот и кај нас е еден од парадигматичните симболи на исконноста, непроменливоста и вечноста, поради што во неа е олицетворена и глобалната меморија на околниот просторот и луѓето што во него егзистираат низ вековите, (планината како космички праелемент и космички еквивалент, како оска и столб на светот, планината како симбол на небото и рајот, планината како Божица - Мајка - Родилка и хипостаза на Божицата - Земја, планината како светилиште, храм и седиште на боговите).

Македонската пастрмка Salmo macedonicus (Karaman, 1924) е автохтон и ендемичен вид риба, дел од богатата биолошка разновидност на нашата земја. Се наоѓа на црвената листа на IUCN www.iucnredlist.org/details/61361 Се сретнува во горниот тек на реката Вардар, реката Треска со притоките Мала Река и Беличка Река, потоа Кадина Река, Бабуна и Дошница. Ендемичната македонска пастрмка исчезнала од водите на Вардар, Дошница, Бабуна и Кадина Река бидејќи долги години овие води се порибувани со други неавтохтони видови пастрмки, а и како последица на неконтролираното изловување на пастрмката. Во моментов македонската пастрмка е застапена само во водите на Беличка и Мала Река (притоки на Треска), бидејќи тоа се водотеци кои се наоѓаат во релативно запоставен крај, во кој негативното влијание на човекот е најмалку изразено.

Името Оча (се мисли на понорницата во Јасен) преставува изведенка од личните имиња: Оливер, Јован или Вангел и за прв пат се појавува во 14 век. Во долината на река Оча постои месност Коломот што е двосложенка од личното име Колон кое се јавува во 15 век и зборот “мост“ што би значело Колонов мост за премин преку Оча, но со текот на времето го добило сегашното име.

Во некогашното село Козарево, кај изворниот дел на Маркова Река, се наоѓа манастирот "Св. Јован Златоуст". Денес селото Козарево не постои, но постои локалитет Козарево што се наоѓа до реката Треска, над селото Света Петка кај Скопје. Константин Асен го приложил селото на манастирот "Св. Ѓорѓи - Горг", а во 1300 година кралот Милутин ја обновил црквата и ја приложил на истиот манастир. За жал, овој средновековен манастир се уште е непознат за нашата јавност. Манастирот бил духовно средиште за повеќето помали средновековни црквички околу селото исто како и во околните села Барово, Винско и Света Петка.