општи податоци
сектори
актуелности
бизнис
туризам
документи
територија
транспорт
капацитет
одгледувачници
регистрација
Вашето корисничко име и лозинка за најава на ЛОГИН еmail листата
корисничко
име
лозинка


Природни карактеристики

 

Релјеф

Караџица го зазема западниот дел на Јакупичкиот планински масив. Нејзините главни карактеристики се заоблените била со изразени фосилно-глацијални и карсни форми, а клисурестите и кањонските страни на реката Треска, со големите расеани отсеци му даваат на просторот исклучителна пејсажна убавина. Највисокиот врв на Караџица има 2473 м, а по него доаѓаат: "Убава" со 2350 м, "Остри Врв" - 2275 м, "Мирска вода" - 2180 м, "Миленков Камен" - 2217 м.  и.т.н. Кон северозападниот дел на резерватот се протега Сува Планина, која со високите страни и стрмни отсеци гравитира кон средишниот тек на реката Треска. Планината е сосема варовничка, безводна и со многубројни карсни форми. Најголема надморска височина има К-1743 м. Посебна морфолошка специфичност на резерватот му дава релјефот на сливните делови на реката Оча и Пеколник, кои се силно дисецирани и релјефно расчленети. Деловите на Сува Гора, односно на Осој, што влегуваат во составот на резерватот, им припаѓаат на средно високите планини во Македонија, а од Јакупичкиот масив ги двои реката Треска. Страните на оваа планина што гравитираат кон реката се карпести и многу стрмни, а некои делови се и тешко проодни. Највисокиот врв е Крстец Тепе со 1401 м. Исклучителна физиономија на целиот простор му дава релјефот на клисурестиот и кањонскиот дел на реката Треска. Длабоката клисура и кањонот на оваа река се последица на интензивното продлабочување на речното корито во варовничката подлога. Како последица на вертикалната ерозија, коритото на оваа река создало длабоки, стрмни и тешко проодни и непроодни падини. Најниската надморска височина од 319 м се наоѓа кај браната на езерото "Матка". Вистинската разлика меѓу најниската и највисоката надморска височина во резрватот изнесува 2145 м. Според изложените природни карактеристики на резерватот, може да се констатира дека тој има хетероген релјеф, чија општа физиономија ја определуваат високите купести врвови и била, испресечени со поголем број вртачи, карсни полиња, клисурести и кањонски стрмолии, како и големи раседни отсеци што се спуштаат кон реките Треска и Оча.



Геотектонски однос

Територијата на  Јавното претпријатие за управување и заштита на повеќенаменското подрачје "Јасен" - Скопје и припаѓа на Пелагониската кристалеста маса. Оваа тектонска единица се карактеризира со набори во радијален правец. Составена е од палеозојски карпи со висок кристалитет од прекамбриска старост (мермери и доломити) односно геолошката подлога ја сочинуваат карбонатни и кристалести веровници. Овие последниве се карактеризираат со масивност, слаба ушкриленост, испуканост, карстифицираност и водопропустливост. Тектонските девијации се одвивале во фази и со нееднакви динамички компресии. Од овие стени е составена геолошката подлога на делот западно од сливното подрачје на Патишка Река, па се до реката Треска. Во мал обем (во средишниот дел на Осој) од левата страна на реката Треска во појас се јавуваат филитоидни силикатни карпи. Инаку варовничките карпи на целата површина на резерватот се застапени на повеќе од 80%. Исклучително, покрај речните корита во помал обем се јавуваат алувијални и дилувијални седименти.



Хидрографија

Исклучувајќи ја реката Треска и Патишка река, хидрографијата на Јавното претпријатие за управување и заштита на повеќенаменското подрачје "Јасен" - Скопје  е мошне сиромашна и е резултат на таканаречената карсна хидрографија на планинските масиви. Изворите најчесто се јавуваат на места каде што мермерите и доломитите допираат до непропустливи карпи. Во сливот на реката Треска изворите се јавуваат на ниво на нејзиниот тек, што укажува на релативно големата подземна циркулација на водата на овој простор. На сува планина и на Караџица изворите се јавуваат на крајот на пукнатините на доломитските мермери и кристалестите шкрици. Во јужните и југозападните делови на резерватот се извориштата на Патишка Река, Оча, и Пеколник. Последниве две реки се влеваат во Треска која во резерватот се јавува како главен реципиент на сите подземни и надземни водотеци од западната страна на Јакупица. Патишка река од извориштето до пред истоименото село има постојан површински тек, а потоа понира. Водотекот на оваа река се одвива во раседи чии страни се составени од непропустливи стени од една страна и мермери од друга. Реката Оча е вклештена во расед од доломити и доломитски мермери и има кривулест тек. Површинското оттечување на оваа река е испрекинато. Во услови на сушен период и низок водостој понира односно истекува подземно. Реката Треска минува низ карстен релјеф и има клисуреста и кањонска карактеристика. Оваа река се напојува со вода и од голем број карстни извори.



Клима

Описот на климата во територијата на Јавното претпријатие за управување и заштита на повеќенаменското подрачје "Јасен" - Скопје  е мошне тешка од причина што во него не постои ниту една метеоролошка станица. Основните метеоролошки показатели на поднебејто, односно на мезоклимата на резерватот ќе бидат обработени со помош на интерпретација на одделни пресметани климатски параметри (А. Лазаровски, 1993 г).



Температурата на воздухот

Со оглед на големата висинска разлика, температурата на воздухот е мошне променлива. Во однос на промената на годишната температура на воздухот територијата на Јавното претпријатие за управување и заштита на повеќенаменското подрачје "Јасен" - Скопје припаѓа на првиот реон, каде што средногодишниот температурен градиент има вредност од 0.5  степени на секои 100 м надморска височина. Во одделни повисоки зони, неговата вредност се менува од 0.4-0.6 C. Средногодишната температура на воздухот, во зависност од надморската височина, се движи од 2.4 C на 2100 м. до 12.3 C на 300 м. Што се однесува пак до средномесечната температура на воздухот во месец јануари, може да се забележи дека таа варира од 1.4 до -4.6 C. Средномесечни негативни температури се јавуваат од 900 м. па нагоре. Средномесечната температура на воздухот за месец Јули, во зависност од надморската височина, исто така, варира од 23.5 C на 300 м. до 11.6 C на 2100 м. надморска височина. За целиот простор на Јасен, средногодишните температури на воздухот изнесуваат 10.3 С. Оваа температура соодветствува на средногодишната температура на воздухот на околу 800 м.н.в. Апсолутните максимални температури на воздухот по текот на реката Треска се искачуваат над 35 С, додека апсолутните минимални температури се јавуваат во месец јануари и изнесуваат пониско од -26 С.



вести