Подземни карстни форми

Сознанијата за подземните карстни форми за повеќенаменското подрачје „Јасен“ се недоволни. Спелеолошките истражувања, кои се однесуваат на поширокиот простор (Порече), датираат уште од 1928 год. (Јовановиќ), а потоа продолжуваат после 80-те (Павлов, 1981 и Колчаковски, 1992) и се однесуваат на подземните карстни форми во кањонот Матка. Најновите спелеолошки истражувања се спроведени од страна на Истражувачкото друштво „Урсус спелеос“-Скопје, при што се евидентирани преку 30 пропасти и пештери, а се истражени околу 15. Ваквата состојба се должи пред се на краткиот временски рок за изработка на Студијата, како и поради временските прилики. Имено најдлабоките пропасти во повеќенаменското подрачје „Јасен“ се лоцирани на повисоките делови на планинскиот масив Јакупица, а ова значи дека најдобри временски услови за истражување има во летниот период од годината. 
 
"Јасен" им помага на спелеолози во Македонија во испитувањето на пештерите и јамите кои се наоѓаат во атарот на ЈАСЕН. Членовите на спелеолошкото друштво "Пеони" од Скопје беа во најдлабоката јама во Македонија во атарот на ЈАСЕН. Јамата е длабока повеќе од 500 метри откриена со помош на тим спелеолози од Словачка. Во јамата владее вечен мраз, а проблеми при мерењата предизвикуваат чеповите мраз што ги има на неколку места низ јамата. Поради далечината и непристапноста на просторот, пристапот до јамата е многу сложен. Оваа јама може да одведе до непознати длабочини и простори под планината Караџица и масивот Јакупица.